Корона вирусот (CОVID-19) сериозно влијае врз животот на луѓето и наметнува потенцијална опасност за нашето здравје, а со тоа и на целото општество. Заради преземање мерки за спречување на ширењето на вирусот, а и за да создадеме услови за негово побрзо искоренување, изработивме мобилна апликација насочена кон мобилизирање на заедницата во заедничкото дејствување за контрола и откривање на вирусот, како комплементарна мерка со активностите кои континуирано се преземаат од страна на Министерството за здравство на Република Северна Македонија при откривање на евентуално заболени лица од COVID-19. Податоците кои произлегуваат од StopKorona! се интегрираат во процесите за детектирање контакти во Министерството за здравство по добивање согласност од страна на корисниците на апликацијата.
Со доброволно преземање на апликацијата, корисниците даваат личен придонес во процесот на откривање на лицата што биле во контакт со нив, кои се потенцијални носители на вирусот. Тоа им овозможува да бидат информирани доколку подолго време биле физички блиски до заразено лице.
Сметаме на поддршка и на широко распространета акција за користење на апликацијата од страна на сите членови на нашата заедница. Со прифаќањето на придобивките од StopKorona!, секој од нас дава личен придонес во борбата против COVID-19 и во спасувањето човечки животи. Колку повеќе луѓе ја користат апликацијата, толку побрзо ќе се избориме против оваа опасност.